Tuesday, April 12, 2011

Компактен град - втор обид


Просторните ефекти на урбаното интензивирање - економски предизвик и социјална вклученост

Главниот арумент во имплементацијата на идејата за компактен град е просторот. На тој начин развојот на урбани простори го редуцира притисокот врз природното опкружување и природниот пејсаж. Ефикасноста на употребата на урбаните простори е уште поголема доколку се работи за простори кои се напуштени, контаминирани или слободни. Тоа значи регенерација на урбаната средина и истовремено заштита на руралното подрачје.

Најважен чекор за интензивирање на градот и прифаќањето на просторните ефекти е вклучување на локалните жители како донесувачи на одлука, односно отворено водење на градската политика. Соседствата имаат потреба од интервенција и изградба, посебно таму каде што постојат напуштени и слободни места што го нагрдуваат ликот на целата област, па употребата на тие запуштени места за изградба на нови објекти и живеалишта се дочекува како добра градска политика директно насочена на развојот на областа што имплицира истите места да станат атрактивни на пазарот на недвижности.

Компактниот град може да влијае на подобрување на постоечката област. Објектите можат да бидат кохерентни со урбаното ткаење, да се реупотребат и подобрат што секако дава позитивна слика за градот. Уште повеќе пак, доведувањето на нови жители во градот поттикнува културен развој, нова потреба од активности кои треба да бидат задоволени низ културната понуда. На тој начина градот ја подобрува својата слика и е атрактивен не само за своите жители, туку и за посетителите. Интензивирањето на урбаните области значи и социјална кохезија и дух на заедницата. Физичката достапност на урбаните сервиси и услуги до граѓаните е клучна компонента за квалитетно живеење внатре во еден град. Зголемената густина на население би довела до поголема социјална еднаквост и поправедна дистрибуција на ресурсите во градот.

Постои и натпревар помеѓу градовите во регионот на национално и интернационално ниво за собирање на инвестиции и потрошувачки активности во однос на економската одржливост како начин на преструктурирање на глобалната економија. Медијатори помеѓу корисниците и урбаната форма не се примарно планерите, туку оние кои го развиваат градот, на кои економскиот раст им е најважен и тие не би ја имплементирале политиката за компактен град доколку од тоа не би имале финансиски бенефит. Ако некој се одлучи за компактниот град како опција за живеење наместо субурбаните предели, треба да ги добие сите благодети на живеењето во компактна средина. Социјалните цели треба да опфатат мноштво на активности до кои се доаѓа брзо, се создава живост и чувство за местото. Економските цели би значеле намалување на цената на чинење на превозот и подобра вредност на достапноста. Креирањето на компактен град со голема густина на населеност и мешана намена произведува разновидност, посебно кога станува збор за социјална мешавина.

No comments:

Post a Comment