Thursday, March 24, 2011

Скопје - град на изгубени средби



Улици без приказни и доживувања


Скопје мора да ги прилагоди своите дамари за новиот пулс на сопствениот крвоток




Градот не е само збир на изградени објекти. Присутноста во градот значи да се биде овде, потоа онде, понекогаш таму. Тоа значи дека градот има начин со кој на своите жители им овозможува да го откриваат животот. Архитектот Кан тоа сликовито го опишува: „Градот е она место каде што додека едно дете шета може да го здогледа она со што сака да се занимава кога ќе порасне.“ Токму тоа му ја одредува на градот таа негова специфична живототворност. Градот на луѓето кои живеат во него им овозможува избор и средби. А средбите на луѓето зависат од нивната мобилност. Затоа, градот во своето ткиво е пресечен со улици, а улиците се како реки низ кои тече животот.


Скопје е град со жители кои одсекогаш ги сакале своите улици. Маалскиот живот е живот на улица. На улица се озборувало, по улица се одело на пазар, на улица се играло фудбал, на улица се пееле серенади и конечно на улица се случувало корзо. Современото Скопје живее со џагорот на автомобилите по улиците кои за жал се претесни да ги примат сите забрзани возила. И денеска улиците на Скопје се реки по кои тече новиот живот. Но, улиците како да се мали за новите скопјани. Градот расте се повеќе. Објектите се надвиснуваат се повисоко над улиците, а жителите се згуснуваат и надвор и внатре. Скопјаните многу побрзо и полесно ги прифаќаат сите трендови на современата мобилна цивилизација, отколку што тоа го чини нивниот град. Затоа и нетреба да се очекува дека бројот на возила ќе се намали, туку напротив, Скопје мора да ги прилагоди своите дамари за новиот пулс на сопствениот крвоток.


Урбаното преуредување на градовите секаде во светот се соочува со истите сообраќајни проблеми. Сообраќајната инфраструктура прилагодена на новата мобилност и зголемениот капацитет на подвижни и статични возила е проблем за старите градски јадра. Често пати проблемот се решава со дислоцирање на главните сообраќајни правци обиколно на градот, а влегувањето во центарот е низ еднонасочни улици со строго контролиран режим на влез и излез на возила. А, проблемот со возилата во мирување се решава со правилно проектирање на паркинг просторите. Населбите се осмислуваат заедно со местата каде се движат и се одмараат автомобилите, а во центрите секогаш се пронаоѓа простор за катни гаражи.


Скопје е сеуште град во кој не постои ефикасна сообраќајна регулатива. Но, тоа не е најголемиот проблем, тоа е проблемот кој може да се реши. Најстрашно е што современите скопјани не се современи во својата сообраќајна култура. Затоа и улиците во Скопје не се повеќе улици во кои граѓаните го остваруваат својот социјален живот низ средби и избор. Се повеќе личат на забрзани ленти од некој фабрички процес низ кој бескрајно здодевно и бучно се движат постојано исто обликувани предмети.


Нашиот град мора да изнајде начин да ги поврати уличните доживувања. Кога во еден момент од денот секој од жителите на Скопје треба да помине од едно место на друго забележува колку е неприродно и насилно движењето низ овој град. Градот нема улица во која е можно движење низ секенци од архитектонски слики и од таа игра да се развива приказна. Скопје нема улици на уметници, улица на мода, улица на цвеќе... Сите улици на овој град почнуваат или завршуваат без дефиниано место, а возбудата на одењето е само возбуда од нетрпеливост, возбуда од доцнење, возбуда од брзо возење. Затоа Скопје има пулс на живот кој полека, но сигурно одбројува осаменици. Несмеат да се изгубат средбите, затоа што средбите значат блискост во секаква смисла. Блискоста во еден град значи густа структура на сродни објекти, значи развивање на чувствување на просторите и можеби, најважното од се, вкрстување на мноштво од секидневни патеки и судбини, улици.




19.11.2006


No comments:

Post a Comment