Wednesday, May 4, 2011

Децентрализација и граница на раст - прв обид

Децентрализирани градови - географски дисперзирани заедници

Големината на градовите е во негативна корелација со потрошувачката на горивата за транспорт. Тоа посебно се однесува на руралните средини кои се приклонети кон градовите каде населението работи и користи автомобил за да ја помине таа дистанца. Во големите градови каде постои регуларен јавен превоз користењето на автомобили е значително помало.

Ако се зголеми густината на населението во градот, значително се намалува патувањето и со тоа се намалува транспортот на големи дистанци, како што е случајот со децентрализираниот град. Тоа го потврдува фактот што укажува дека градовите со најмала густина на населеност во САД трошат најмногу гориво и зафаќаат најголема површина. Според тоа, тие се неефикасни во потрошувачката на горива и емисијата на штетни гасови во атмосферата. Од друга страна пак, градовите во Европа имаат поголема густина на населеност и се релативно поефикасни во однос на потрошувачката на горива. Најефикасен град во тој поглед не е ниту европски, ниту американски. Станува збор за Хонг Конг, кој има многу висока густина на населеност, голем процент на сообраќај, а сепак ефикасна потрошувачка на горива.

Постои идеја според која квалитетен и одржлив ќивот би се обезбедил доколку се ре-креираат малите соседства во т.н. нови урбани села. При тоа се смета дека новиот децентрализиран живот се случува токму на тоа ниво на село. Станува збор за географски дисперзирани заедници кои имаа куќи со доволен простор за двориште во кое може да се произведува храна и сл. земјоделски производи. Традиционалниот живот при тоа би бил надополнет со нов телекомуникациски поврзан живот.

Центристите тврдат дека идната урбана форма треба да се базира на развојот на градот во одредени граници, што пак не овозможува развој на нови зелени површини. Исто така, голем дел од населението кое живее во централизираните градови не е задоволно од големата густина на населеност. Тоа е прифатливо за помладата генерација која бара вработување и поголеми шанси гледа во урбаната средина, додека сите останати подобро се чувствуваат во субурбаните средини каде и ратите за домување не се високи без оглед дали се работи за рентање или за купување на просторите за живеење.








Wednesday, April 13, 2011

Компактен град - трет обид

Компактниот град и квалитетот на животот


Субурбаните делови на градот и просторите во природното опкружување околу центрите на градовите со децении даваат поголем квалитет на животот. Овој тренд сеуште не е сопрен и многу луѓе со задоволство се придржуваат кон него. Од друга страна пак, кога се зборува и разгледува компактниот град се изедначуваат врските помеѓу урбаната концентрација, одржливиот развој и квалитетот на животот, наместо да се зборува за бројот на станови и домови, густина и форма на објекти. Можеби изгледа сурово да се зборува на тој начин, но за да се постигне квалитет на животот во компактниот град треба да се разгледуваат тие места како простори каде што се живее. Ако градот треба да биде место каде луѓето ќе живеат тој треба да биде подеднакво привлечен и како идеја, но и во реалноста. Тоа не е лесно затоа што треба да се направи трансформација што ќе содржи густо поставени кутии за живеење, мали плоштатки со мали трговии, градини, апартмани со балкони и улични фестивали. Градовите треба да се менуваат преку нивна адаптација, приклучување и додавање, истражување на промените на околностите и сл. Таа визија несмее да биде анти-субурбана, поготово што голем дел од луѓето во големите градови веќе живеат во субурбаните средини. Визијата несмее да се однесува само на преобразба на централното градско јадро, туку да ги направи и субурбаните области покомпактни во одржлива смисла.

Компактниот град може да се дефинира на различни начини, но тој не е хомоген феномен. Креирањето на компактен град вклучува интензивирање на изградената форма или интензивирање на активностите. Развојот може да предизвика повторен развој на постоечки делови или нов развој на претходно слободно земјиште, проширување, зголемување на бројот на жители, зголемување на сообраќајот по улиците и патиштата, зголемен интензитет на работните области и областите за посета и прошетка и зголемена употреба на земјиштето и објектите. Сите тие фактори ја создаваат хетерогеноста на еден компактен град.

Еден развој може да биде одржлив до одредени граници, но не и преку тие ограничувања. Мерката се добива според ефектот кој се добива, на пример зголемувањето на бројот на домаќинства во една област може да предизвика притисок на утилитарните активности, снабдување со вода, електрична енергија, гас и сл. при што е потребно да се внесат нови технологии кои би ги зголемиле капацитетите и на тој начин е возможен одржлив развој.

Клучно е да се мултиплицира еко системот во градот на тој начин што градот ќе стане жив, интерактивен, променлив и непредвидлив како живиот организам. Компактните градови растат дедукативно од конвенционални до вредни чувари на традиционалната култура. Сите тие ги задржуваат традиционалните јадра со што визуелно се стимулира амбиентот. Компактните градови така концепирани доведуваат до социјална кохезија која ги тера луѓето повторно да ги обноват блиските врски помеѓу себе. Обновувањето на оваа социјална кохезија преку зацврстување на физичките врски меѓу граѓаните ќе го сочува самиот човек од деструкција.


Tuesday, April 12, 2011

Компактен град - втор обид


Просторните ефекти на урбаното интензивирање - економски предизвик и социјална вклученост

Главниот арумент во имплементацијата на идејата за компактен град е просторот. На тој начин развојот на урбани простори го редуцира притисокот врз природното опкружување и природниот пејсаж. Ефикасноста на употребата на урбаните простори е уште поголема доколку се работи за простори кои се напуштени, контаминирани или слободни. Тоа значи регенерација на урбаната средина и истовремено заштита на руралното подрачје.

Најважен чекор за интензивирање на градот и прифаќањето на просторните ефекти е вклучување на локалните жители како донесувачи на одлука, односно отворено водење на градската политика. Соседствата имаат потреба од интервенција и изградба, посебно таму каде што постојат напуштени и слободни места што го нагрдуваат ликот на целата област, па употребата на тие запуштени места за изградба на нови објекти и живеалишта се дочекува како добра градска политика директно насочена на развојот на областа што имплицира истите места да станат атрактивни на пазарот на недвижности.

Компактниот град може да влијае на подобрување на постоечката област. Објектите можат да бидат кохерентни со урбаното ткаење, да се реупотребат и подобрат што секако дава позитивна слика за градот. Уште повеќе пак, доведувањето на нови жители во градот поттикнува културен развој, нова потреба од активности кои треба да бидат задоволени низ културната понуда. На тој начина градот ја подобрува својата слика и е атрактивен не само за своите жители, туку и за посетителите. Интензивирањето на урбаните области значи и социјална кохезија и дух на заедницата. Физичката достапност на урбаните сервиси и услуги до граѓаните е клучна компонента за квалитетно живеење внатре во еден град. Зголемената густина на население би довела до поголема социјална еднаквост и поправедна дистрибуција на ресурсите во градот.

Постои и натпревар помеѓу градовите во регионот на национално и интернационално ниво за собирање на инвестиции и потрошувачки активности во однос на економската одржливост како начин на преструктурирање на глобалната економија. Медијатори помеѓу корисниците и урбаната форма не се примарно планерите, туку оние кои го развиваат градот, на кои економскиот раст им е најважен и тие не би ја имплементирале политиката за компактен град доколку од тоа не би имале финансиски бенефит. Ако некој се одлучи за компактниот град како опција за живеење наместо субурбаните предели, треба да ги добие сите благодети на живеењето во компактна средина. Социјалните цели треба да опфатат мноштво на активности до кои се доаѓа брзо, се создава живост и чувство за местото. Економските цели би значеле намалување на цената на чинење на превозот и подобра вредност на достапноста. Креирањето на компактен град со голема густина на населеност и мешана намена произведува разновидност, посебно кога станува збор за социјална мешавина.

Thursday, April 7, 2011

Компактен град - прв обид

Моделот на компактен град како одржлива урбана форма Урбана матрица на градовите преку компактност во контекст на одржливост
Идејата за компактен град потекнува од Европа, поточно за прв пат теоретски се спомнува кај Комисијата на европските заедници во 1990 год. како мешавина на разновидни социјално-одржливи функции во кои се концентрира идниот развој, при што треба значително да се редуцира потребата од моторен сообраќај што постепено ја редуцира емисијата на штетни гасови во воздухот. Иако се прави напор да се постави одредена урбана матрица за да се постигне целта за самоодржливост на градовите, сепак промените треба да бидат поддржани и од граѓаните кои живеат во градовите и кои треба да го наметнат својот стил на живот насочен кон одржливост.

Секој град има свој карактер, култура и животен стил, секој има потреба да го ослободи сопствениот развој според сопствените стратегии и според желбите на локалното население и локалното соседство. Компактноста во контекст на одржливоста значи унапредување на независноста од надворешните влијанија под кои градот и неговите жители ја губат независноста, контролата над локалните ресурси, посебно на оние од кои зависи животот во градот. Тоа значи градот да е компактен и во контролата во смисла да биде автономен.


Не постои модел на компактен град, постојат само збир на можности достапни за конструкција на идеална урбана форма во однос на одржливоста. Наједноставно кажано, тој процес се содржи во претворање на постоечките градови во погусто населени, поттикнување на луѓето да живеат во урбани области и градови со висока густина. На тој начин се постигнува максимална искористеност на градското земјиште што ќе се имплементира локално врз искуствата на секое соседство и секоја улица. Главниот проблем во имплементацијата не е само во контекстот на природното и урбаното опкружување, туку и во социјалната еднаквост и изборот за иднината. Секоја промена и развој мора да биде прифатлива за урбаната популација, зошто во спротивно жителите би се отселиле од градот и целото сценарио би било нестабилно. Живеењето во компактниот град треба да опфати услуги и сервиси кои се подобри, подобрен јавен транспорт, подобар културен живот и сл.

Tuesday, March 29, 2011

Јапонија - ефемерноста на животот



Застанете со Јапонија


И покрај се, секоја година оживува нова пролет и животот продолжува


Во неделава која изминува градот Вашингтон во САД го обележува доаѓањето на пролетта и будењето на природата со својот традиционален фестивал на Цветањето на црешовите дрва. Тоа е традиција која градот ја има од 1927 година и со која потсетува на 3 000 црешови дрва кои токискиот градоначалник Yukio Ozaki во 1912 година ги подарил на градот Вашингтон во чест на трајното пријателство помеѓу САД и Јапонија.



И така, секоја година котлината Приливен (the Tidal Basin) се претвора во волшепство кога преку ноќ цутат нежните и треперливи ливчиња на јапонските цреши во Вашингтон. Волшепството е уште поголемо кога се знае дека токму тие кревки цветови ја симболизираат ефемерноста на животот, краткотрајноста, минливоста и менливоста. И покрај пораката која опоменува, останува да се провлекува уште една симболика која покажува дека и покрај се, секоја година црешите цутат повторно и повторно, ја оживуваат новата пролет и животот продолжува. Понесени токму од таа метафора, градските власти на Вашингтон оваа година Фестивалот го посветија токму на својата пријателска Јапонија која неодамна страдаше во катастрофален земјотрес и стравично цунами. Чин на солидарност и сочувство достооен за почит.

Не се сеќавам точно од пред колку години, но има извесно време како центарот на нашиот град секоја пролет се разубавува и пролетно се буди во цветот на јапонските цреши. Сите ја знаат улицата Максим Горки во пролет. Тоа е улица која е срцето на градот одамнина, и можеби најубавата улица во градот. За неа твореле архитектите, за неа пишувале патописците, ја спомнувале поетите, а граѓаните низ неа се поврзувале со својот град, низ неа чекореле вљубените, била адреса на угледните, од неа почнувал чекорот кој те води од центарот до крајот, па до следниот крај, па до следниот, и следниот....крај на градот.

Не се сеќава ни дали имаме некој настан кој го обележува доаѓањето на пролетта. Не се сеќавам ни дали имаме нешто со што го обележуваме нашето пријателство со Јапонија, а се сеќевам дека пријателството го започнавме кога Скопје го преживеа својот катастрофален земјотрес во 1963 година. Тогаш Скопје стана Град на солидарноста, а Јапонија беше една од земјите кои помогна во изградба на новиот град.

Длабоко сум потресена од трагедијата која овие денови ја преживува Јапонија и силно сум восхитена од знакот на сочувство на граѓаните на Вашингтон. И во времето кога цветаат јапонските цреши на Максим Горки, вознемирена сум заради кревкоста на животот и заборавеното големо срце на солидарниот град.

Во чест и поддршка на жртвите во Јапонија 3/11.

Monday, March 28, 2011

Скопје - град со голем плоштад


Папокот од каде почнува градот или срцето до кое водат сите улици


Плоштадот е круг во кој се случува претстава каде граѓаните се актерите, а фонтаните и спомениците во него се дел од нивните реквизити


Архитектонскиот простор претставува физичка конкретизација на човековото материјално постоење, а архитектонската креација - градот е возбудлива и слоевите во својата симболичност. Не случајно градот е честопати прикажуван и изговаран како нешто најинтимно и сродно на човекот. Уште од стариот Египет, хиероглифот за град истовремено означувал и мајка, значи градот е нешто блиско и топло, нешто што го прогонува човекот, нешто што се нарекува хумано и човекомерно.

Градот има свои елементи со кои му се доближува на својот граѓанин и го прегрнува, или како што Рудол Шварц препознава: „...патиштата и местата стануваат спомени, а времето и просторот - историја на човековиот живот“. Затоа секој град во светот има два многу значајни елементи: улици со посебен карактер кои водат некаде, и средишта како незаборавни места. Средиштата имаат посебни стратешки обележја. Тоа се места во кои или се влегува, или се крстосници на патиштата или пак се полиња со концентрација на особени карактеристики. Средиштата се извесни, тие не нудат возбудливост на динамични откривања на простори како што тоа во својот карактер го носат улиците. Средиштето претставува цел, поточно центар кој просторот како систем го смирува и го чини стабилен. Ваквата стабилност се карактеризира со концентрација, која пак од своја страна се зајакнува со ограничување на површината и со симетрија. Концентрацијата, исто така, се потенцира и со издигнување во вертикала, односно поставување на оска околу која се организира просторот. Средиштето, концентрацијата и оската се зборови со кои се опишува она што во архитектонскиот јазик се нарекува плоштад.

Плоштадот е најизразениот урбан елемент и е најлесен за препознавање. Кога се „пристигнува во еден град“ тоа се случува токму во оној момент кога човекот ќе се најде на градскиот плоштад. Скопје е град кој може да се пофали дека го има најголемиот плоштад на Балканот. Но, за жал, тоа е мерка која ја искажува само неговата површина. Архитектонскиот квалитет на градскиот плоштад во Скопје не препознава одредени вековни правила и не претставува јасно исцртано средиште, ниту пак концентрацијата во центарот се вплотува и игра значајна социјална улога. Градскиот плоштад кај нас формира круг во кој се собираат луѓето исклучиво на специјално програмирани случувања.

Иако плоштадот, како средиште, историски е место каде на почетокот се одвивале ритуали, понатаму место каде се сретнуваат верски објакти кои со своите кули претставуваат вертикални оски на потенцирање, сепак плоштадот има и една прекрасна напрегнатост на својата двосмисленост. Плоштадите не се само средишта со центар како крајна цел. Напротив, ова средиште има центар кој е истовремено и точка на почеток. Оттука и убавината на спрегата сто се случува меѓу силите на центрифугалност и центрипеталност. Тоа на плоштадот му дава карактер на стабилност, но и големина како суштина на градското его.

Од друга страна пак, веројатноста за средби е повеќекратно поголема во средиштето, отколку во лонгитудиналноста на улиците. Затоа плоштадите возбудуваат. Од различни места се приоѓа во еден круг кај кој повторно зградите создаваат кулиси како континуирана обиколна слика. Во тој круг потоа се случува претставата каде граѓаните се актери, а најубавите урбани архитектонски елементи (фонтаните, спомениците...) се дел од нивните реквизити.

Скопје бил град кој низ својот живот отворал кругови, формирал јазли и креирал претстави во малите плоштадтки. Старите записи и градските планови ги чуваат тие стратешки кругови на социјалниот живот на градот. Денеска се препознаваат само како аголни отсечоци, нелогични за новите концепции. Новите концепции ги избришаа малите плоштади каде се пресекуваа старите улици и на нивната сцена поставија големи објекти. Малите плоштадтки се местата каде најубаво се чувствува заедничкиот живот на граѓаните. Тоа се оние места во европските градови кои еднаш во неделата се претвораат во пазари. Можеби затоа Скопје нема место за пазар на цвеќе, место за пазар на ракотворби...Но, затоа пак има голем плоштад кој сеуште не е оформен како јазол, и не е папокот од кој почнува градскиот живот, а уште помалку срцето на градот до каде водат сите патишта. Можеби и затоа луѓето не се привлечени од неговиот центар, тука секојдневно периферно бегаат и го одминуваат за што побрзо да се втурнат во метежот на улиците или да влезат во околните објекти. Градскиот плоштад е отворено поле кое заплашува со својата празнотија и големина.

А сепак, плоштадот треба да го докаже фактот дека поединецот во еден град функционира како дел од една заедница. Којзнае, можеби и затоа сме толку осамени граѓани.


03.12.2006

Friday, March 25, 2011

Скопје - град на силуети без суети

Да се биде скопјанец, да се биде во Скопје


Визуелниот континуитет на градот значи постоење на линеарен тек на локални кадри и варијации на сродни погледи


Градот е место каде што се случуваат средби меѓу луѓето, а токму преку тие средби се откриваат световите на другите луѓе. Во тие средби тоа „што сум јас“ се огледува како во огледало пред другите. И единствено на тој начин се осмислува постоењето на градот, односно идентификацијата на единката внатре во една организирана заедница. Така градот го втиснува кај поединецот чувството на припадност во заедницата и само тогаш може да се каже: Јас сум парижанец; Јас сум њујоркчанец; Јас сум скопјанец. Затоа за да се биде едно очигледно мора да се биде дел од нешто едно поголемо.

Скопје е град кој моментално преживува насилна сепарација на своето тело, а секоја населена интервенција во животот ткиво предизвикува тешки повреди и создава трајни инвалидитети. Така е и со телото на градот. Како да се биде едно во градот кој ја доживува својата сепса? Сите сме условени да бидеме на едно место, а до својот идентитет да се биде скопјанец ќе дојдеме кога ќе почнеме да ги бираме и доживуваме сликите кои градот ни ги нуди.

Зградите кои го сочинуваат еден град се забележуваат како форми кои создаваат внатрешност. Значи при едно урбано искуство луѓето раскажуваат дека: бев „внатре“ во...; се наоѓаше „меѓу“...;чекаа „пред“...; отидоа „блиску“ до...Се тоа укажува колку е важно да се биде внатре во градот за тој да се доживее. Исто така сликите на градот се карактеризираат и со непрекинатост која овозможува кохерентна визуелизација на просторот. А, тој пак визуелен континуитет во градот всадува чувство да се биде на единствено место, значи да се каже: Јас сум во Париз; Јас сум во Њујорк; Јас сум во Скопје. Визуелниот континуитет во градот значи постоење на линеарен тек на локални кадри и варијации на сродни улици. Улиците се тие кои треба да не водат чекор по чекор во откривање на различности in loco (на лице место) и во секој нов момент од времето.

Скопје има градска слика која помалку наликува на лошо поп арт доживување. Низ слоевитоста на градските кадри не се забележува слоевитоста заради историчност и внимателна нагласена одважност на старото јадро. Напротив, слоевитоста се добива заради невешто налепување на лошо скроени парчиња градба, се со цел повторно да се врежат нови патеки, кои само создаваат отворени рани и осекотини од кои крвари градот. Ниту старите, ниту новите улици немаат дефиниран профил, па Скопје е град со силуети без суета.

Улиците секогаш се доживуваат од блиску, но за да се доживеат мора да имаат убаво дефинирана силуета. Таа го одредува карактерот на улицата, ја издигнуваат кон височините, а ликот на фасадите ја даваат суетата на градот. Силуетата е таа која ја одредува непрекинатоста на улиците. И кога би се срушил некој објект, би се изгубил фигуралниот квалитет на улицата. Затоа слободностоечките згради не дефинираат урбани простори.

Многу се малку улици во Скопје кои имаат непрекинатост во ликот на своите фасади. Дури и немаат строго дефиниран изглед на фасадна обработка, па често тоа се улици со фасади на кои се залепил неславен времеплов на еклектични замисли за естетика. Па уште и амбиција да се вметнат современи изрази на транспарентни стаклени завеси накои би се огледувала старата архитектура?!? Затоа и реченицата „Да се биде во Скопје“ не објаснува ништо повеќе освен да се означи географска положба.

Секое дете знае да нацрта куќичка покрај улица. Улицата се црта како права, и тоа е лесно. Ако една права е составена од многу точки, тогаш една улица ќе биде улица само ако е составена од низа на објекти кои визуелно го врзуваат небото со земјата. И тоа е лесно. Нашите улици треба да добијат објекти, да се преоблечат во убави фасади и наконтени да се впрегнат во гордо исправени силуети. Тогаш градот со своите објекти ќе претставува визуелен договор за заедничко битисување на едно место, а улиците пак ќе станат визуелни вектори на силата на движење на градските битисувачи.


25.11.2006

Thursday, March 24, 2011

Скопје - град на изгубени средби



Улици без приказни и доживувања


Скопје мора да ги прилагоди своите дамари за новиот пулс на сопствениот крвоток




Градот не е само збир на изградени објекти. Присутноста во градот значи да се биде овде, потоа онде, понекогаш таму. Тоа значи дека градот има начин со кој на своите жители им овозможува да го откриваат животот. Архитектот Кан тоа сликовито го опишува: „Градот е она место каде што додека едно дете шета може да го здогледа она со што сака да се занимава кога ќе порасне.“ Токму тоа му ја одредува на градот таа негова специфична живототворност. Градот на луѓето кои живеат во него им овозможува избор и средби. А средбите на луѓето зависат од нивната мобилност. Затоа, градот во своето ткиво е пресечен со улици, а улиците се како реки низ кои тече животот.


Скопје е град со жители кои одсекогаш ги сакале своите улици. Маалскиот живот е живот на улица. На улица се озборувало, по улица се одело на пазар, на улица се играло фудбал, на улица се пееле серенади и конечно на улица се случувало корзо. Современото Скопје живее со џагорот на автомобилите по улиците кои за жал се претесни да ги примат сите забрзани возила. И денеска улиците на Скопје се реки по кои тече новиот живот. Но, улиците како да се мали за новите скопјани. Градот расте се повеќе. Објектите се надвиснуваат се повисоко над улиците, а жителите се згуснуваат и надвор и внатре. Скопјаните многу побрзо и полесно ги прифаќаат сите трендови на современата мобилна цивилизација, отколку што тоа го чини нивниот град. Затоа и нетреба да се очекува дека бројот на возила ќе се намали, туку напротив, Скопје мора да ги прилагоди своите дамари за новиот пулс на сопствениот крвоток.


Урбаното преуредување на градовите секаде во светот се соочува со истите сообраќајни проблеми. Сообраќајната инфраструктура прилагодена на новата мобилност и зголемениот капацитет на подвижни и статични возила е проблем за старите градски јадра. Често пати проблемот се решава со дислоцирање на главните сообраќајни правци обиколно на градот, а влегувањето во центарот е низ еднонасочни улици со строго контролиран режим на влез и излез на возила. А, проблемот со возилата во мирување се решава со правилно проектирање на паркинг просторите. Населбите се осмислуваат заедно со местата каде се движат и се одмараат автомобилите, а во центрите секогаш се пронаоѓа простор за катни гаражи.


Скопје е сеуште град во кој не постои ефикасна сообраќајна регулатива. Но, тоа не е најголемиот проблем, тоа е проблемот кој може да се реши. Најстрашно е што современите скопјани не се современи во својата сообраќајна култура. Затоа и улиците во Скопје не се повеќе улици во кои граѓаните го остваруваат својот социјален живот низ средби и избор. Се повеќе личат на забрзани ленти од некој фабрички процес низ кој бескрајно здодевно и бучно се движат постојано исто обликувани предмети.


Нашиот град мора да изнајде начин да ги поврати уличните доживувања. Кога во еден момент од денот секој од жителите на Скопје треба да помине од едно место на друго забележува колку е неприродно и насилно движењето низ овој град. Градот нема улица во која е можно движење низ секенци од архитектонски слики и од таа игра да се развива приказна. Скопје нема улици на уметници, улица на мода, улица на цвеќе... Сите улици на овој град почнуваат или завршуваат без дефиниано место, а возбудата на одењето е само возбуда од нетрпеливост, возбуда од доцнење, возбуда од брзо возење. Затоа Скопје има пулс на живот кој полека, но сигурно одбројува осаменици. Несмеат да се изгубат средбите, затоа што средбите значат блискост во секаква смисла. Блискоста во еден град значи густа структура на сродни објекти, значи развивање на чувствување на просторите и можеби, најважното од се, вкрстување на мноштво од секидневни патеки и судбини, улици.




19.11.2006


Wednesday, March 23, 2011

Скопје – град достоен за внимание

Архитектура Скопје

Објектите се секаде околу нас, а градот е огромниот салон во кој се сместени тие ремек дела.

Во неделата во која празнува Скопје повторно, како и секоја година, се слави и архитектурата на градот. Веќе традиционално градот организира манифестација Архитектура Скопје, која има излжбено-ревијален карактер. За волја на вистината, организаторите се обидуваат секогаш да бидат истакнати годишните остварувања во областа на урбанизмот и архитектурата во градот и при тоа да се додели и т.н. Главната награда за архитектура на град Скопје. Во обидот да се проговори што повеќе за архитектурата се организираат и трибини, предавања и презентации со помалку или повеќе провокативни, современи, па дури и воспитно-образовни теми сврзани за градителството. Тие неколку дена во годината, архитектите на Скопје имаат можност да уживаат во сопствените достигнувања или пак да споделат мислења, искуства и размисли за изложените проекти.
Но, архитектурата ниту во Скопје, ниту било каде во светот не е салонска уметност. Затоа и не зачудува фактот дека изложбите, презентациите и манифестациите за архитектурата ретко привлекуваат особен интерес кај пошироката јавност. Токму и затоа имаат повеќе ревијален карактер и секогаш презентираат убави објекти, кои во урбаното милје на градот тешко се препознаваат. Од друга страна, архитектурата ја има својата судбина, постојано и секојдневно да биде изложена на погледите на јавноста. Затоа и јавноста е немилосрдна во својата критика. Ниедна друга визуелна уметност ја нема моќтта на архитектурата. Објектите се секаде околу нас, а градот е огромниот салон во кој се сместени тие ремек дела. Ако се размислува на овој начин тогаш архитектурата со себе носи огромен товар. Не се објектите само затворени волумени во кој се комбинирани простори кои наједноставно ќе ги задоволат функционалните потреби на луѓето. Објектите истовремено стојат исправени, разголени, преоблечени, говорат, чувствуваат, предизвикуваат...исто како скулптурите. Во таа смисла, се што предизвикува внимание е достојно за внимание.


Секогаш кога се зборува за архитектурата во Скопје се зборува со недовршени реченици за искрено подобра иднина и чудесна верба за перспективни нови и млади генерации. Ако оптимизмот е храна за здравиот дух, тогаш на Скопје не му требаат само надежи. И овој град е достоен за внимание.
Архитектурата во својата суштественост е програмирана да создава и креира посебности и единствени нешта. Не сите објекти во еден град можат и треба да бидат предмет на посебност и уникатност. Не треба да се заборави и на утилитарноста. Но, затоа пак тоа што најубавите градови во светот ги прави најубави, се токму тие ретки и малкубројни, посебни и единствени објекти. Такви објекти се градат постојано. Денес, како и секогаш, развојот на техниките и технологиите на градба одат рака под рака со највозвишените архитекти. Најголемата креативност во архитектурата повторно е поврзана за уникатните примероци на градба, и за тоа има место во секој град во светот.
Во Скопје не се градат уникатни примероци... Архитектите во Скопје, без исклучок, сонуваат за своите уникатни примероци... Граѓаните на Скопје мислат дека архитектурата не е доволно репрезентативна... Единственото нешто кое недостига за да бидат задоволени сите и градот да породи исклучителни градби е концепт кој вербата во перспективите на идните генерации полека, но сигурно ќе ги направи реалност. Градовите во Европа и во светот организираат конкурси кои ги окуражуваат архитектите да ги испробаат своите креативни способности. Таквите натпревари се подеднакво предизвикувачки и за младите архитекти, посебно кога конкурсот е проследен со можност за реализација на идеите преку соработка со релевантни и големи компании од градежништвото. Токму и затоа на Скопје му требаат натпревари, идеи...но, и реализација на истите. Конкурентноста во идеите е единствениот здрав оптимизам и единствената подобра иднина за архитектурата во градот. И, да не се заборави: победува најдобриот.




11.11.2006