Wednesday, April 13, 2011

Компактен град - трет обид

Компактниот град и квалитетот на животот


Субурбаните делови на градот и просторите во природното опкружување околу центрите на градовите со децении даваат поголем квалитет на животот. Овој тренд сеуште не е сопрен и многу луѓе со задоволство се придржуваат кон него. Од друга страна пак, кога се зборува и разгледува компактниот град се изедначуваат врските помеѓу урбаната концентрација, одржливиот развој и квалитетот на животот, наместо да се зборува за бројот на станови и домови, густина и форма на објекти. Можеби изгледа сурово да се зборува на тој начин, но за да се постигне квалитет на животот во компактниот град треба да се разгледуваат тие места како простори каде што се живее. Ако градот треба да биде место каде луѓето ќе живеат тој треба да биде подеднакво привлечен и како идеја, но и во реалноста. Тоа не е лесно затоа што треба да се направи трансформација што ќе содржи густо поставени кутии за живеење, мали плоштатки со мали трговии, градини, апартмани со балкони и улични фестивали. Градовите треба да се менуваат преку нивна адаптација, приклучување и додавање, истражување на промените на околностите и сл. Таа визија несмее да биде анти-субурбана, поготово што голем дел од луѓето во големите градови веќе живеат во субурбаните средини. Визијата несмее да се однесува само на преобразба на централното градско јадро, туку да ги направи и субурбаните области покомпактни во одржлива смисла.

Компактниот град може да се дефинира на различни начини, но тој не е хомоген феномен. Креирањето на компактен град вклучува интензивирање на изградената форма или интензивирање на активностите. Развојот може да предизвика повторен развој на постоечки делови или нов развој на претходно слободно земјиште, проширување, зголемување на бројот на жители, зголемување на сообраќајот по улиците и патиштата, зголемен интензитет на работните области и областите за посета и прошетка и зголемена употреба на земјиштето и објектите. Сите тие фактори ја создаваат хетерогеноста на еден компактен град.

Еден развој може да биде одржлив до одредени граници, но не и преку тие ограничувања. Мерката се добива според ефектот кој се добива, на пример зголемувањето на бројот на домаќинства во една област може да предизвика притисок на утилитарните активности, снабдување со вода, електрична енергија, гас и сл. при што е потребно да се внесат нови технологии кои би ги зголемиле капацитетите и на тој начин е возможен одржлив развој.

Клучно е да се мултиплицира еко системот во градот на тој начин што градот ќе стане жив, интерактивен, променлив и непредвидлив како живиот организам. Компактните градови растат дедукативно од конвенционални до вредни чувари на традиционалната култура. Сите тие ги задржуваат традиционалните јадра со што визуелно се стимулира амбиентот. Компактните градови така концепирани доведуваат до социјална кохезија која ги тера луѓето повторно да ги обноват блиските врски помеѓу себе. Обновувањето на оваа социјална кохезија преку зацврстување на физичките врски меѓу граѓаните ќе го сочува самиот човек од деструкција.


Tuesday, April 12, 2011

Компактен град - втор обид


Просторните ефекти на урбаното интензивирање - економски предизвик и социјална вклученост

Главниот арумент во имплементацијата на идејата за компактен град е просторот. На тој начин развојот на урбани простори го редуцира притисокот врз природното опкружување и природниот пејсаж. Ефикасноста на употребата на урбаните простори е уште поголема доколку се работи за простори кои се напуштени, контаминирани или слободни. Тоа значи регенерација на урбаната средина и истовремено заштита на руралното подрачје.

Најважен чекор за интензивирање на градот и прифаќањето на просторните ефекти е вклучување на локалните жители како донесувачи на одлука, односно отворено водење на градската политика. Соседствата имаат потреба од интервенција и изградба, посебно таму каде што постојат напуштени и слободни места што го нагрдуваат ликот на целата област, па употребата на тие запуштени места за изградба на нови објекти и живеалишта се дочекува како добра градска политика директно насочена на развојот на областа што имплицира истите места да станат атрактивни на пазарот на недвижности.

Компактниот град може да влијае на подобрување на постоечката област. Објектите можат да бидат кохерентни со урбаното ткаење, да се реупотребат и подобрат што секако дава позитивна слика за градот. Уште повеќе пак, доведувањето на нови жители во градот поттикнува културен развој, нова потреба од активности кои треба да бидат задоволени низ културната понуда. На тој начина градот ја подобрува својата слика и е атрактивен не само за своите жители, туку и за посетителите. Интензивирањето на урбаните области значи и социјална кохезија и дух на заедницата. Физичката достапност на урбаните сервиси и услуги до граѓаните е клучна компонента за квалитетно живеење внатре во еден град. Зголемената густина на население би довела до поголема социјална еднаквост и поправедна дистрибуција на ресурсите во градот.

Постои и натпревар помеѓу градовите во регионот на национално и интернационално ниво за собирање на инвестиции и потрошувачки активности во однос на економската одржливост како начин на преструктурирање на глобалната економија. Медијатори помеѓу корисниците и урбаната форма не се примарно планерите, туку оние кои го развиваат градот, на кои економскиот раст им е најважен и тие не би ја имплементирале политиката за компактен град доколку од тоа не би имале финансиски бенефит. Ако некој се одлучи за компактниот град како опција за живеење наместо субурбаните предели, треба да ги добие сите благодети на живеењето во компактна средина. Социјалните цели треба да опфатат мноштво на активности до кои се доаѓа брзо, се создава живост и чувство за местото. Економските цели би значеле намалување на цената на чинење на превозот и подобра вредност на достапноста. Креирањето на компактен град со голема густина на населеност и мешана намена произведува разновидност, посебно кога станува збор за социјална мешавина.

Thursday, April 7, 2011

Компактен град - прв обид

Моделот на компактен град како одржлива урбана форма Урбана матрица на градовите преку компактност во контекст на одржливост
Идејата за компактен град потекнува од Европа, поточно за прв пат теоретски се спомнува кај Комисијата на европските заедници во 1990 год. како мешавина на разновидни социјално-одржливи функции во кои се концентрира идниот развој, при што треба значително да се редуцира потребата од моторен сообраќај што постепено ја редуцира емисијата на штетни гасови во воздухот. Иако се прави напор да се постави одредена урбана матрица за да се постигне целта за самоодржливост на градовите, сепак промените треба да бидат поддржани и од граѓаните кои живеат во градовите и кои треба да го наметнат својот стил на живот насочен кон одржливост.

Секој град има свој карактер, култура и животен стил, секој има потреба да го ослободи сопствениот развој според сопствените стратегии и според желбите на локалното население и локалното соседство. Компактноста во контекст на одржливоста значи унапредување на независноста од надворешните влијанија под кои градот и неговите жители ја губат независноста, контролата над локалните ресурси, посебно на оние од кои зависи животот во градот. Тоа значи градот да е компактен и во контролата во смисла да биде автономен.


Не постои модел на компактен град, постојат само збир на можности достапни за конструкција на идеална урбана форма во однос на одржливоста. Наједноставно кажано, тој процес се содржи во претворање на постоечките градови во погусто населени, поттикнување на луѓето да живеат во урбани области и градови со висока густина. На тој начин се постигнува максимална искористеност на градското земјиште што ќе се имплементира локално врз искуствата на секое соседство и секоја улица. Главниот проблем во имплементацијата не е само во контекстот на природното и урбаното опкружување, туку и во социјалната еднаквост и изборот за иднината. Секоја промена и развој мора да биде прифатлива за урбаната популација, зошто во спротивно жителите би се отселиле од градот и целото сценарио би било нестабилно. Живеењето во компактниот град треба да опфати услуги и сервиси кои се подобри, подобрен јавен транспорт, подобар културен живот и сл.