Thursday, April 7, 2011

Компактен град - прв обид

Моделот на компактен град како одржлива урбана форма Урбана матрица на градовите преку компактност во контекст на одржливост
Идејата за компактен град потекнува од Европа, поточно за прв пат теоретски се спомнува кај Комисијата на европските заедници во 1990 год. како мешавина на разновидни социјално-одржливи функции во кои се концентрира идниот развој, при што треба значително да се редуцира потребата од моторен сообраќај што постепено ја редуцира емисијата на штетни гасови во воздухот. Иако се прави напор да се постави одредена урбана матрица за да се постигне целта за самоодржливост на градовите, сепак промените треба да бидат поддржани и од граѓаните кои живеат во градовите и кои треба да го наметнат својот стил на живот насочен кон одржливост.

Секој град има свој карактер, култура и животен стил, секој има потреба да го ослободи сопствениот развој според сопствените стратегии и според желбите на локалното население и локалното соседство. Компактноста во контекст на одржливоста значи унапредување на независноста од надворешните влијанија под кои градот и неговите жители ја губат независноста, контролата над локалните ресурси, посебно на оние од кои зависи животот во градот. Тоа значи градот да е компактен и во контролата во смисла да биде автономен.


Не постои модел на компактен град, постојат само збир на можности достапни за конструкција на идеална урбана форма во однос на одржливоста. Наједноставно кажано, тој процес се содржи во претворање на постоечките градови во погусто населени, поттикнување на луѓето да живеат во урбани области и градови со висока густина. На тој начин се постигнува максимална искористеност на градското земјиште што ќе се имплементира локално врз искуствата на секое соседство и секоја улица. Главниот проблем во имплементацијата не е само во контекстот на природното и урбаното опкружување, туку и во социјалната еднаквост и изборот за иднината. Секоја промена и развој мора да биде прифатлива за урбаната популација, зошто во спротивно жителите би се отселиле од градот и целото сценарио би било нестабилно. Живеењето во компактниот град треба да опфати услуги и сервиси кои се подобри, подобрен јавен транспорт, подобар културен живот и сл.

No comments:

Post a Comment