Monday, March 28, 2011

Скопје - град со голем плоштад


Папокот од каде почнува градот или срцето до кое водат сите улици


Плоштадот е круг во кој се случува претстава каде граѓаните се актерите, а фонтаните и спомениците во него се дел од нивните реквизити


Архитектонскиот простор претставува физичка конкретизација на човековото материјално постоење, а архитектонската креација - градот е возбудлива и слоевите во својата симболичност. Не случајно градот е честопати прикажуван и изговаран како нешто најинтимно и сродно на човекот. Уште од стариот Египет, хиероглифот за град истовремено означувал и мајка, значи градот е нешто блиско и топло, нешто што го прогонува човекот, нешто што се нарекува хумано и човекомерно.

Градот има свои елементи со кои му се доближува на својот граѓанин и го прегрнува, или како што Рудол Шварц препознава: „...патиштата и местата стануваат спомени, а времето и просторот - историја на човековиот живот“. Затоа секој град во светот има два многу значајни елементи: улици со посебен карактер кои водат некаде, и средишта како незаборавни места. Средиштата имаат посебни стратешки обележја. Тоа се места во кои или се влегува, или се крстосници на патиштата или пак се полиња со концентрација на особени карактеристики. Средиштата се извесни, тие не нудат возбудливост на динамични откривања на простори како што тоа во својот карактер го носат улиците. Средиштето претставува цел, поточно центар кој просторот како систем го смирува и го чини стабилен. Ваквата стабилност се карактеризира со концентрација, која пак од своја страна се зајакнува со ограничување на површината и со симетрија. Концентрацијата, исто така, се потенцира и со издигнување во вертикала, односно поставување на оска околу која се организира просторот. Средиштето, концентрацијата и оската се зборови со кои се опишува она што во архитектонскиот јазик се нарекува плоштад.

Плоштадот е најизразениот урбан елемент и е најлесен за препознавање. Кога се „пристигнува во еден град“ тоа се случува токму во оној момент кога човекот ќе се најде на градскиот плоштад. Скопје е град кој може да се пофали дека го има најголемиот плоштад на Балканот. Но, за жал, тоа е мерка која ја искажува само неговата површина. Архитектонскиот квалитет на градскиот плоштад во Скопје не препознава одредени вековни правила и не претставува јасно исцртано средиште, ниту пак концентрацијата во центарот се вплотува и игра значајна социјална улога. Градскиот плоштад кај нас формира круг во кој се собираат луѓето исклучиво на специјално програмирани случувања.

Иако плоштадот, како средиште, историски е место каде на почетокот се одвивале ритуали, понатаму место каде се сретнуваат верски објакти кои со своите кули претставуваат вертикални оски на потенцирање, сепак плоштадот има и една прекрасна напрегнатост на својата двосмисленост. Плоштадите не се само средишта со центар како крајна цел. Напротив, ова средиште има центар кој е истовремено и точка на почеток. Оттука и убавината на спрегата сто се случува меѓу силите на центрифугалност и центрипеталност. Тоа на плоштадот му дава карактер на стабилност, но и големина како суштина на градското его.

Од друга страна пак, веројатноста за средби е повеќекратно поголема во средиштето, отколку во лонгитудиналноста на улиците. Затоа плоштадите возбудуваат. Од различни места се приоѓа во еден круг кај кој повторно зградите создаваат кулиси како континуирана обиколна слика. Во тој круг потоа се случува претставата каде граѓаните се актери, а најубавите урбани архитектонски елементи (фонтаните, спомениците...) се дел од нивните реквизити.

Скопје бил град кој низ својот живот отворал кругови, формирал јазли и креирал претстави во малите плоштадтки. Старите записи и градските планови ги чуваат тие стратешки кругови на социјалниот живот на градот. Денеска се препознаваат само како аголни отсечоци, нелогични за новите концепции. Новите концепции ги избришаа малите плоштади каде се пресекуваа старите улици и на нивната сцена поставија големи објекти. Малите плоштадтки се местата каде најубаво се чувствува заедничкиот живот на граѓаните. Тоа се оние места во европските градови кои еднаш во неделата се претвораат во пазари. Можеби затоа Скопје нема место за пазар на цвеќе, место за пазар на ракотворби...Но, затоа пак има голем плоштад кој сеуште не е оформен како јазол, и не е папокот од кој почнува градскиот живот, а уште помалку срцето на градот до каде водат сите патишта. Можеби и затоа луѓето не се привлечени од неговиот центар, тука секојдневно периферно бегаат и го одминуваат за што побрзо да се втурнат во метежот на улиците или да влезат во околните објекти. Градскиот плоштад е отворено поле кое заплашува со својата празнотија и големина.

А сепак, плоштадот треба да го докаже фактот дека поединецот во еден град функционира како дел од една заедница. Којзнае, можеби и затоа сме толку осамени граѓани.


03.12.2006

No comments:

Post a Comment