Friday, March 25, 2011

Скопје - град на силуети без суети

Да се биде скопјанец, да се биде во Скопје


Визуелниот континуитет на градот значи постоење на линеарен тек на локални кадри и варијации на сродни погледи


Градот е место каде што се случуваат средби меѓу луѓето, а токму преку тие средби се откриваат световите на другите луѓе. Во тие средби тоа „што сум јас“ се огледува како во огледало пред другите. И единствено на тој начин се осмислува постоењето на градот, односно идентификацијата на единката внатре во една организирана заедница. Така градот го втиснува кај поединецот чувството на припадност во заедницата и само тогаш може да се каже: Јас сум парижанец; Јас сум њујоркчанец; Јас сум скопјанец. Затоа за да се биде едно очигледно мора да се биде дел од нешто едно поголемо.

Скопје е град кој моментално преживува насилна сепарација на своето тело, а секоја населена интервенција во животот ткиво предизвикува тешки повреди и создава трајни инвалидитети. Така е и со телото на градот. Како да се биде едно во градот кој ја доживува својата сепса? Сите сме условени да бидеме на едно место, а до својот идентитет да се биде скопјанец ќе дојдеме кога ќе почнеме да ги бираме и доживуваме сликите кои градот ни ги нуди.

Зградите кои го сочинуваат еден град се забележуваат како форми кои создаваат внатрешност. Значи при едно урбано искуство луѓето раскажуваат дека: бев „внатре“ во...; се наоѓаше „меѓу“...;чекаа „пред“...; отидоа „блиску“ до...Се тоа укажува колку е важно да се биде внатре во градот за тој да се доживее. Исто така сликите на градот се карактеризираат и со непрекинатост која овозможува кохерентна визуелизација на просторот. А, тој пак визуелен континуитет во градот всадува чувство да се биде на единствено место, значи да се каже: Јас сум во Париз; Јас сум во Њујорк; Јас сум во Скопје. Визуелниот континуитет во градот значи постоење на линеарен тек на локални кадри и варијации на сродни улици. Улиците се тие кои треба да не водат чекор по чекор во откривање на различности in loco (на лице место) и во секој нов момент од времето.

Скопје има градска слика која помалку наликува на лошо поп арт доживување. Низ слоевитоста на градските кадри не се забележува слоевитоста заради историчност и внимателна нагласена одважност на старото јадро. Напротив, слоевитоста се добива заради невешто налепување на лошо скроени парчиња градба, се со цел повторно да се врежат нови патеки, кои само создаваат отворени рани и осекотини од кои крвари градот. Ниту старите, ниту новите улици немаат дефиниран профил, па Скопје е град со силуети без суета.

Улиците секогаш се доживуваат од блиску, но за да се доживеат мора да имаат убаво дефинирана силуета. Таа го одредува карактерот на улицата, ја издигнуваат кон височините, а ликот на фасадите ја даваат суетата на градот. Силуетата е таа која ја одредува непрекинатоста на улиците. И кога би се срушил некој објект, би се изгубил фигуралниот квалитет на улицата. Затоа слободностоечките згради не дефинираат урбани простори.

Многу се малку улици во Скопје кои имаат непрекинатост во ликот на своите фасади. Дури и немаат строго дефиниран изглед на фасадна обработка, па често тоа се улици со фасади на кои се залепил неславен времеплов на еклектични замисли за естетика. Па уште и амбиција да се вметнат современи изрази на транспарентни стаклени завеси накои би се огледувала старата архитектура?!? Затоа и реченицата „Да се биде во Скопје“ не објаснува ништо повеќе освен да се означи географска положба.

Секое дете знае да нацрта куќичка покрај улица. Улицата се црта како права, и тоа е лесно. Ако една права е составена од многу точки, тогаш една улица ќе биде улица само ако е составена од низа на објекти кои визуелно го врзуваат небото со земјата. И тоа е лесно. Нашите улици треба да добијат објекти, да се преоблечат во убави фасади и наконтени да се впрегнат во гордо исправени силуети. Тогаш градот со своите објекти ќе претставува визуелен договор за заедничко битисување на едно место, а улиците пак ќе станат визуелни вектори на силата на движење на градските битисувачи.


25.11.2006

No comments:

Post a Comment