Wednesday, March 23, 2011

Скопје – град достоен за внимание

Архитектура Скопје

Објектите се секаде околу нас, а градот е огромниот салон во кој се сместени тие ремек дела.

Во неделата во која празнува Скопје повторно, како и секоја година, се слави и архитектурата на градот. Веќе традиционално градот организира манифестација Архитектура Скопје, која има излжбено-ревијален карактер. За волја на вистината, организаторите се обидуваат секогаш да бидат истакнати годишните остварувања во областа на урбанизмот и архитектурата во градот и при тоа да се додели и т.н. Главната награда за архитектура на град Скопје. Во обидот да се проговори што повеќе за архитектурата се организираат и трибини, предавања и презентации со помалку или повеќе провокативни, современи, па дури и воспитно-образовни теми сврзани за градителството. Тие неколку дена во годината, архитектите на Скопје имаат можност да уживаат во сопствените достигнувања или пак да споделат мислења, искуства и размисли за изложените проекти.
Но, архитектурата ниту во Скопје, ниту било каде во светот не е салонска уметност. Затоа и не зачудува фактот дека изложбите, презентациите и манифестациите за архитектурата ретко привлекуваат особен интерес кај пошироката јавност. Токму и затоа имаат повеќе ревијален карактер и секогаш презентираат убави објекти, кои во урбаното милје на градот тешко се препознаваат. Од друга страна, архитектурата ја има својата судбина, постојано и секојдневно да биде изложена на погледите на јавноста. Затоа и јавноста е немилосрдна во својата критика. Ниедна друга визуелна уметност ја нема моќтта на архитектурата. Објектите се секаде околу нас, а градот е огромниот салон во кој се сместени тие ремек дела. Ако се размислува на овој начин тогаш архитектурата со себе носи огромен товар. Не се објектите само затворени волумени во кој се комбинирани простори кои наједноставно ќе ги задоволат функционалните потреби на луѓето. Објектите истовремено стојат исправени, разголени, преоблечени, говорат, чувствуваат, предизвикуваат...исто како скулптурите. Во таа смисла, се што предизвикува внимание е достојно за внимание.


Секогаш кога се зборува за архитектурата во Скопје се зборува со недовршени реченици за искрено подобра иднина и чудесна верба за перспективни нови и млади генерации. Ако оптимизмот е храна за здравиот дух, тогаш на Скопје не му требаат само надежи. И овој град е достоен за внимание.
Архитектурата во својата суштественост е програмирана да создава и креира посебности и единствени нешта. Не сите објекти во еден град можат и треба да бидат предмет на посебност и уникатност. Не треба да се заборави и на утилитарноста. Но, затоа пак тоа што најубавите градови во светот ги прави најубави, се токму тие ретки и малкубројни, посебни и единствени објекти. Такви објекти се градат постојано. Денес, како и секогаш, развојот на техниките и технологиите на градба одат рака под рака со највозвишените архитекти. Најголемата креативност во архитектурата повторно е поврзана за уникатните примероци на градба, и за тоа има место во секој град во светот.
Во Скопје не се градат уникатни примероци... Архитектите во Скопје, без исклучок, сонуваат за своите уникатни примероци... Граѓаните на Скопје мислат дека архитектурата не е доволно репрезентативна... Единственото нешто кое недостига за да бидат задоволени сите и градот да породи исклучителни градби е концепт кој вербата во перспективите на идните генерации полека, но сигурно ќе ги направи реалност. Градовите во Европа и во светот организираат конкурси кои ги окуражуваат архитектите да ги испробаат своите креативни способности. Таквите натпревари се подеднакво предизвикувачки и за младите архитекти, посебно кога конкурсот е проследен со можност за реализација на идеите преку соработка со релевантни и големи компании од градежништвото. Токму и затоа на Скопје му требаат натпревари, идеи...но, и реализација на истите. Конкурентноста во идеите е единствениот здрав оптимизам и единствената подобра иднина за архитектурата во градот. И, да не се заборави: победува најдобриот.




11.11.2006


No comments:

Post a Comment